Шакир: Победа по 190 трки за Серхио Перез

- РЕКЛАМЕН ПРОСТОР -
- РЕКЛАМЕН ПРОСТОР -

најново

ПАДОК КЛУБ

- РЕКЛАМЕН ПРОСТОР -

Феноменалниот Серхио Перез победи на Формула 1 Гранд При трка по 190 обиди и стана само вториот мексиканец со Формула 1 победа зад своето име по Педро Родригез кој имаше победи во 1967 и 1970 година.

Мексиканецот иаше подиум пред две трки, моторот му откажа на неколку кругови пред крајот на минатиот настан на истата патека, така што ова беше само шлаг на тортата во сезона која може да му биде последна во спортот. Триумфот е само доказ за како возач се работи, но и покана за Ред Бул сериозно да се замислат на кого даваат болид следната година.

Понатаму, второ место и прв подиум во кариерата и за Естебан Окон од Рено, а трето место за Ленс Строл за прв двоен подиум на Рејсинг Поинт.

Првите метри од стартот беа одлични, Џорџ Расел го мина Валтери Ботас и прв пат на трката покажа дека е класа за финецот и Мерцедес сериозно треба да размислат за својот возачки тандем. Расел го “мачкаше“ Ботас во секој аспект на Шакир.

Првиот инцидент се случи по неколку кривини со преамбициозниот Шарл Леклер кој сакаше да мине од внатрешниот дел на 4та кривина, но не сфати дека овој пат не е таму Себастијан Фетел како пред една недела да се тргне и да му направи место. Серхио Перез си ја “гледаше работата“ и му ја “затвори вратата“ на возачот на Ферари. Леклер се удри во него и го искрши болидот. Макс Верстапен беше третиот во тој дуел и се обиде од надвор да ги мине двајцата, но не му “текна“ дека има ограда во која ја заврши трката. Стјуардите оставија овој инцидент да се разгледува по крајот на трката.

Чеко веднаш влезе во бокс по нови гуми и на крајот од првиот круг беше последен, а на крајот од трката победи. Феноменално е мал бор за изданието на Перез.

Леклер го донесе првото безбедносно возило кое се задржа до 7от круг на патеката, а при рестартот поведе Расел пред Ботас, трети беше Карлос Саинз пред Даниел Рикардо, а потоа Квјат, Строл и Пјер Гасли. При рестартот Саинз го нападна Ботас за 2ро место, но не успеа да го истера претекнувањето до крај и да ја превземе позицијата.

Следуваше периодот на Фетел, односно моментот кога тој само тонеше откако во 8от круг му беше одземено 9то место од Ландо Норис, а следниот круг го минаа и Албон и Перез кој дојде до 11то место експресно брзо.

Во кругот број 20, Албон и Чеко го минаа Норис и му ја превземаа позицијата, а потоа младиот британец застана во гаража и промени на медиум откако возеше со своите софт на стартот и напредуваше силно. Следниот круг Перез го мина и Албон и дојде до 9то место.

Следуваа промени на гуми, во 28от круг влегоа Квјат, Саинз и Гасли, а круг потоа и Рикардо и Фетел, но нешто подоцна и Естебан Окон и Ленс Строл.

Кругот број 45 беше моментот кога лидерот Расел влезе по свежи гуми и монтираше хард, но по излезот од гаражата, очигледно заборавајќи да ресетира нешто на управувачот, се пожали дека нема доволно моќ од моторот. Но, Ботас по навика нема сила и не знае да користи туѓи грешки, така што влезе 4 кругови подоцна по нови гуми, а излезе на 5 секунди зад Расел. Патетично од редовниот возач на тимот кога против себе има дебитант на кого кокпитот му е тесен, а патиките помали од вообичаено.

Во 55от круг се откажа Николас Латифи по што на сила дојде виртуелното безбедносно возило кое дозволува возење, но со многу намалена брзина. Тоа го искористија дел од возачите за нови гуми за да загубат помалку време при промената, Фетел и Норис во вистински момент влегоа во бокс, но Саинз и Рикардо малку подоцна и боксот ги чинеше загубени позиции.

Перез се “напали“ во овие моменти и со своите загреани хард во 57от круг го мина својот колега за 4то место, а круг подоцна и Окон за подиум поиција веднаш зад двата Мерцедес.

Во 62от круг Џек Аиткен се изврте и со многу среќа го откина само предното крило, но беше непосредно до влезот на гаражата и веднаш отиде на промена. Предното крило остана на патеката, а за негово отстранување најпрвин беше прогласено виртуелно безбедносно возило, а потоа и нормално кое излезе на патеката тој круг.

Мерцедес беа алчни и тоа им се врати како бумеранг затоа што за време на безбедносното возило, иако имаа нецели 20 кругови со хард, се решија за двојна промена и направија катастрофална грешка. Го пуштија Расел со грешни гуми назад, нешто што ФИА го истражува и сигурно ќе додели казна за возачот. Потоа го задржаа Ботас цела вечност и го вратија со старите гуми откако сфатија дека ги испомешаа сетовите. Шлаг на тортата беше второто повлекување на Расел веднаш потоа кога сфатија дека му монтирале сет на Ботас. Ова ги чинеше драстичен пад во поредокот и се приклучија на 4то односно 5то место.

Безбедносното возило остана на патеката 5 кругови, Перез поведе пред Окон и Строл, а по него беа Ботас и Расел, па Саинз и Рикардо. Штом се повлече Мајландер, следуваше шоуто на Расел кој во 70от круг го мина Ботас и по којзнае кој пат го понижи, два круга подоцна го претекна и Строл, а веднаш потоа и Окон поставувајќи се на 2ро место.

Во 77от круг Ботас продолжи да тоне откако во еден круг загуби позиција од Саинз, Рикардо и Албон и дојде на 8мо место.

79от круг беше моментот кој го скрши Џорџ Расел откако му беше кажано дека има бавна пукнатина на гумата, по 4ти пат беше повлечен во бокс, доби нови софт и се приклучи на 15то место. Следуваа низа најбрзи кругови кои му донесоа 2 поени на крајот.

Сензационален победник е Серхио Перез, прв подиум доби Естебан Окон, а Ленс Строл стигна на 3то место. Карлос Саинз донесе силни поени за Мекларен пред Даниел Рикардо со кого се бркаа цела трка. Шесто место за Алекс Албон пред Даниил Квјат и Валтери Ботас. Џорџ Расел е 9ти, но под истрага поради гумите, а Ландо Норис дојде до поен.

- РЕКЛАМЕН ПРОСТОР -
- РЕКЛАМЕН ПРОСТОР -

ПОПУЛАРНО

- РЕКЛАМЕН ПРОСТОР -

ПАДОК КЛУБ

повеќе на оваа тема