Абу Даби: Лекција од Верстапен како за крај на сезоната

Клиничка трка за Макс Верстапен како за крај на сезоната, холанѓанецот без грешка од почеток до крај, без да загуби водство, без ниту една грешка, само така може да се порази Мерцедес.

Интересно, во пресрет на трката, Макс немаше водено ниту еден круг во Абу Даби. Подиумот го комплетираа Мерцедес, Ботас пред Хамилтон, следуваше Албон со 4то место, ќе видиме дали ќе биде доволно да си го задржи кокпитот, а потоа двата болиди на Мекларен за запечатување на 3то место кај конструкторите.

Стартот не донесе ништо особено интересно, немаше возбуда, немаше контакт и агресивна борба за позиција, а промените беа во долниот дел од поредокот.

Првото возбудување во топ 10 беше во 2от круг кога Пјер Гасли го мина Естебан Окон од Рено за 9то место.

Четири кругови подоцна Алекс Албон го претекна Ландо Норис и му го превзема 4то место во борбата помеѓу двајцата возачи кои стартуваа и возеа на црвено маркирани софт гуми.

Следниот круг Естебан Окон му го препушти своето 10то место на Даниел Рикардо откако австрлијанецот подолго време ги имаше Ферари зад себе, а беше очигледно дека е побрз од својот колега.

Кругот број 8 Даниил Квјат го загуби 7то место од Ленс Строл на Рејсинг Поинт, а следниот круг го загуби и 8то место од Пјер Гасли, неговиот колега.

Најголемата возбуда дојде во 10от круг кога Серхио Перез кој стабилно напредуваше и се возеше на 13то место застана неподвижно крај патеката. Иако првиот сомнеж беше проблем со притисокот на масло, сепак преносот бил проблематичен во Рејсинг Поинт болидот со целосно нов мотор за оваа трка. Со откажувањето на мексиканецот како да згасна надежта на тимот од Силверстон да го осигура 3то место кое го имаше со предност од 10 поени во пресрет на трката.

Откажувањето на Перез донесе најпрвин виртуелно безбедносно возило, а потоа и она нормалното возено од Бернд Мајлендер. Забавувањето го искористија сите од топ 10 влегувајќи по нови гуми освен тандемот на Ферари и Даниел Рикардо кои решија да си ги чуваат позициите на патеката.

За време на безбедносното возило, двојно менување имаа Мерцедес, но за разлика од Шакир, ова беше безгрешно. Двата болиди ги сервисираа и во Мекларен, Норис беше пред Саинз, а со цел да загуби што помалку време и позиции, Карлос беше пребавен во боксот, непотребно бавен стјуардите го воочија тоа и остана по крајот на трката да ја чујат неговата изјава и да одлучат дали ќе го казнат.

Следуваше периодот на назадување на Шарл Леклер кој во 14от круг, една обиколка по рестартот на трката и повлекувањето на безбедносното возило, загуби 8мо место од својот иден колега, Карлос Саинз, а два круга подоцна го загуби и 9то место од Ленс Строл. Во 17от круг Карлос со својот летечки Мекларен го нападна и мина и Себастијан Фетел за 7мо место.

Во 20от односно 22от круг, Пјер Гасли и Естебан Окон го претекнаа Шарл Леклер по што тој “падна“ на 12то место. Круг подоцна реши за прв пат да влезе во бокс и своите 23 кругови стари медиум да ги промени на нови хард, приклучувајќи се на патеката на последно место.

Пјер Гасли најде ритам и во 30от круг го презема 9то место на Ленс Строл, а два круга подоцна и 8то од Себастијан Фетел кој во 36от круг направи прва промена на гуми, наместо хард монтираше медиум.

Во 40от круг Даниел Рикардо зема нови медиум и со нив извозе најбрз круг во последната обиколка.

Победа за Макс Верстапен на безгрешен начин пред Валтери Ботас и Луис Хамилтон, а потоа вториот Ред бул возен од Алекс Албон. Следуваа Норис и Саинз пред Даниел Рикардо и Пјер Гасли. Во последниот круг Естебан Окон го мина Ленс Строл во борбата за 9то место кое носи два поени.

На крајот на сезоната, Луис Хамилтон освои титула со 124 поени предност, додека Ботас освои 2ро место пред Макс Верстапен со позитива од 9 поени. Серхио Перез остана на своето 4то место со 6 поени пред Даниел Рикардо, кој пак имаше 14 поени позитива пред Карлос Саинз кој завшри на 6то место во возачкиот поредок. Албон беше дури 7ми со исто поени како Саинз, додека Шарл Леклер и финишираше на 8мо место. Во топ 10 уште и Ландо Норис со поен зад Леклер и Пјер Гасли.

Кај конструкторите, Мерцедес со 254 поени пред Ред Бул, а Мекларен го освоија толку посакуваното 3то место кое им носи многу милиони повеќе. Рејсинг Поинт заостанаа 7 поени зад екипата од Вокинг, но задржаа предност од 14 поени пред Рено. Ферари се пласираа на 6то место во најслабата сезона години наназад заостанувајќи 50 поени зад Рено и имаа предност од 24 поени пред АлфаТаури. Алфа Ромео 8 поени и 8мо место, Хаас 3 поени за 9то место и Вилијамс посленди без бодови.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ