Астон Мартин и Мерцедес со безбедносни возила

Астон Мартин ќе има свое безбедносно возило на половина од трките од Формула 1 календарот следната година, а другата половина ќе се одработува со досегашниот Мерцедес, најавува motorsport.com.

Мерцедес имаат ексклузивност над безбедносното возило од 1996 година кога колоната ја предводеа со Мерцедес АМГ Ц36, а сегашниот модел е Мерцедес АМГ ГТ Р. Досега германците беа целосно посветени на спортот, но во моментов се водат дискусии за ревидирање и на тој дел штом новиот Конкорд договор стапи на сила од следната година.

Конечна одлука не е донесена, но некои медиуми пренесуваат дека Мерцедес нема да ги одработи сите трки со своето безбедносно возило, но ќе продолжи да има голема улога, ќе има “монопол“ над медицинското возило, но безбедносното ќе го дели со Астон Мартин.

Поделба на работата може да дојде полесно за “сребрените“ затоа што ќе сносат и помалку финансиски трошоци околу целокупната логистика потребна за функционирање на безбедносното возило со оглед на фактот што следната година Формула 1 најави гломазен календар од 23 трки.

Но, Мерцедес неодамна се стекна со 20% од Астон Мартин, а од претходно имаа договор за широка техничка соработка и поделба на технологија, така што веројатно дека и “сребрените“ сакаат промоција на брендот каде имаат вложено многу пари. Акционер во Астон е и лично Тото Волф, кој е голем пријател со Лоренс Строл кој е најголем акционер во компанијата.

Следната сезона Астон Мартин се враќа на гридот преку целосно ребрендирање на Рејсинг Поинт, а Строл сака да ја искористи маркетинг платформата која ја нуди Формула 1 за да го засили брендот и да ја зголеми продажбата на легендарниот бридански бренд.

Моменталното безбедносно возило од Мерцедес беше подновено во пресрет на 2018 година и во моментов има 4-литарски В8 мотор со двоен турбо полнач и на тој начин произведува 585 коњски сили со максимални 320 километри на час брзина. Берн Мајландер е долгогодишен “пилот“ на безбедносното возило.

Медицинското возило е Мерцедес АМГ Ц 63 Естејт (караван) и е возено од Алан ван дер Мерце.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ