Браун: Прекршување на ограничениот буџет може да чини титула

Шефот на Формула 1, Рос Браун, вели дека ограничувањето на буџетот од 2021 година “ќе покаже заби“ и намерно прекршување на истиот може да ја чини една екипа титула во првенството.

Првичните правила за финансиите се одобрени од Светскиот Мотор Спорт Совет, а преку истите ќе биде воведено ограничување од 175 милиони долари во буџетот на една екипа.

Бројката е фиксирана за 21 трка, а 1 милион долари ќе биде додаден за секоја дополнителна трка. Браун истакна дека новите правила се суштински чекор за спортот и огромно подобрување во однос на претходните обиди.

Финансиската регулатива е драматична промена за Ф1. Се обидовме со тоа во минатото, но не бевме успешни. Мислам дека е критично што финансиски регулативи ќе бидат дел од регулативата на ФИА.

Санкција за прекршување на финансиската регулатива ќе биде казна од спортски карактер, зависно од нивото на прекршувањето.

Претходно имавме рестрикција на ресурси, што беше џентлменски договор помеѓу тимовите … па, нема многу џентлемени во падокот за жал и затоа беше неуспешно. Новото правило “ќе покаже заби“. Ако прекршите финансиско правило, ќе го загубите првенството. Ќе има сериозни последици доколку тимовите ги прекршат овие правила.

Браун признава дека правилата ќе мора да се подесат, но инсистира дека веќе е направен голем напор во креирање на истите.

Имаме многу силен тим од финансиски експерти во ФИА и во Ф1 и побаравме помош и од надвор. Делојт се експерти за финансии во спортот, тие беа многу инволвирани во фудбалскиот свет и може да се забележи позитивниот ефект од тоа.

Правилата се добро замислени, но ќе треба да се подобрат и развијат, како секое друго правило. Целосно очекувам дека ќе имаме предизвик во иднина при имплементација на истите, но неопходно е за доброто на Ф1 да имаме контрола над финансиите и колку се троши во Ф1.

Правилата се неопходни за доброто на Ф1. Буџетите ескалираа. Ф1 е скоро жртва на сопствениот успех во однос на тоа дека наградата за успехот е толку вредна што оправдува постојани инвестиции.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ