Луис Хамилтон до нов триумф, петти оваа сезона, вкупно 38ми во неговата кариера, а 3ти на Силверстон. Уште поимпресивно, 3та година по ред Мерцедес има пол позиција и победа. Зад него на пиедесталот се пласираше Нико Розберг, а одличната стратегија на Ферари му овозможи подиум и на Себастијан Ветел.
Трката не ни почна, а Заубер се судри со проблеми. Болидот на Наср остана паркиран во гаражата и не ја почна трката.
Стартот беше највозбудлив оваа година. Вилијамс како од катапулт од вториот ред, Мерцедес бавно, Ферари исто така. По првиот круг поредокот беше Маса, Хамилтон, Ботас и Розберг, додека зад нив Ферари на големо губеше позиции, Нико Хулкенберг беше 5ти, пред Кими Раиконен и Даниил Квјат, а Себастијан Ветел дури 8ми.
Првиот круг значеше крај за Мекларен, но овојпат за разлика од Австрија, жртва беше Џенсон Батон. Во големата гужва, најдебелиот крај го извлекоа двата болида на Лотус кои не комплетираа ниту еден круг, потоа Џенсон Батон, но и Алонсо чиј нос страдаше и тој влезе во боксот на финишот од примарната обиколка. Во целата мешаница беше вмешан и болид на Ред Бул. Инцидентот треба да се истражува по завршување на трката.
До четвртиот круг на патеката кружеше сејфти кар. Штом се даде знак за рестарт на трката, Хамилтон беше супер агресивен на кочење, но се што успеа да направи е да го загуби 2то место од Ботас. Во преголема желба изгоре и Макс Верстапен кој излеа од патеката и заглави. Истиот круг и Серхио Перез го мина Ферарито на Ветел.
Следуваше мирен дел од трката. Во 9от круг од Вилијамс им наредија на возачите да си ги задржат позицитие и да не ризикуваат, а круг подоцна Себ врати една позиција, минувајќи го Перез. Во 12от круг Даниел Рикардо, кој се жалеше на проблеми со моќноста, прв влезе во бокс, а веднаш по него и Карлос Сајнз.
Ферари се одлучија да влезат први и во 14от круг Кими смени на тврди гуми за 3,1 секунда, а следниот круг и Ветел, но за 3,3 секунди. Во 19от круг прв од водечката четврока се одлучи за бокс Луис Хамилтон, промени за 2,4 секунди и ова испадна дека е решавачко за трката. Круг подоцна менуваа и Фелипе Маса и Розберг, само за 3,5 односно 3,8 секунди, со што обајцата излегоа зад Луис, а кога по два круга замени и Ботас, беше јасно дека Хамилтон ќе остане прв.
Во 20от круг атрактивно излегување од бокс “гума до гума“ имаа Маса и Нико, а по два круга, штом Ботас излезе на патеката, имаше атрактивен и чист дуел со Розберг, по што се одржа зад Маса. По првата серија влегување во бокс, пласманот беше Мерцедес 1 и 4, Вилијамс 2 и 3, а Скудерија 5 и 6.
Даниел Рикардо се откажа во 23от круг поради проблеми со агрегатот иако цел викенд Рено беа многу подобри од она што сме навикнале да го гледаме од нив цела сезона.
Во 33от круг, Карлос Сајнз се бореше со Серхио Перез за 9то место, но шпанецот имаше проблеми со болидот и се паркираше до патеката, токму кога главна тема во радио комуникациите беше дождот. По паркирањето на Сајнз, на сцена дојде виртуелното безбедносно возило, до 35от круг.
Штом виртуелно безбедносно возило беше повлечено, на сцена стапи дождот, од 35от круг до крајот на трката, во повеќе наврати и со различен интензитет.
Скудерија се реши да ризикува и го викна Кими во бокс по интермедијат гуми, кои кај финецот беа монтирани за 4,4 секунди. Оваа стратегија подоцна се покажа грешна затоа што пневматиците брзо се потрошија на не целосно влажната Силверстон, по што Раиконен повторно, по 4ти пат на трката влезе во пит на 3 круга пред крај.
Влажната патека на рамни гуми најдобро “ја владееше“ Нико кој во 39от круг дојде до 3то место, а два круга подоцна го мина и Маса и брзо ја топеше предноста на Луис Хамилтон.
Стана јасно дека нема да може да се продолжи со “сликови“ и тимовите почнаа да менуваат. Хамилтон во 43от круг смени на интермедијат за 2,6 секунди и со тоа ја запечати својата победа. Следниот круг влезе и Ветел, цел круг пред Вилијамсите, што беше и клучно за неговиот подиум. Во 45от круг сменија и Маса, Ботас и Нико.
Вил Стивенс со својата Манор Марусија во 48от круг излета од патеката и удри во заштитен ѕид и ја расипа солидната домашна трка.
Сума сумарум, нова 1-2 за Мерцедес, Ферари со подиум и 8мо место на Кими, додека Вилијамс имаа одлична пола трка, а на крајот завршија со 4то и 5то место. Двојни поени за Форс Индија (7мо и 9то место), а на 6то место беше одличниот Квјат. Фернандо Алонсо се изедначи со Батон и освои еден поен.
Со водството на оваа трка, Хамилтон го мина Џеки Стјуард на вечната листа на последователни трки во водство, Стјуард има 17, а Хамилтон од денес 18.