Давидовски: Правилна одлука – спортот, забавата и дружењето може да почекаат

ТЦР Европа го откажа првиот тркачки настан во Белгија, Формула 1 го откажа Австралиското Гранд При, ги одложи Бахреин и Виетнам, а под знак прашање се Холандија и Шпанија, ИндиКар ги откажа првите четири трки од првенството, НБА лигата ја суспендираше сезоната, фудбалските тимовите ширум Европа ги откажаа претстојните натпревари.

Виктор Давидовски, нашиот претставник во ТЦР Европа првенството на ФИА, до пред неколку дена беше во полн тек со своите подготовки за почетокот на новата сезона, започнувајќи од Белгија, за пред еден ден да дознае дека истата е откажана. Во овие моменти, потребно е да се слушне мислењето на тие кои се директно инволвирани и за таа цел, КРУГ.МК, направи интервју со еден од најуспешните тркачи од Македонија.

КРУГ.МК: Виктор, ти благодариме на издвоеното време. Сите сме запознени со ситуацијата околу Корона вирусот и откажаните настани поради истата. Кое е твоето мислење за целата ситуација и воедно одлуката на ФИА ширум повеќе тркачки серии?

Нема лесен одговор, но се согласувам со истата целосно. Како тркачи, како спортисти, сакаме да бидеме на патеката, на терените, да се натпреваруваме, да бидеме во директни дуели за место на подиумот. Без разлика дали е Формула 1 или ТЦР Европа. Чувството е исто. Но реалноста е таа, мораме да бидеме свесни и совесни кон тоа што се случува во светот. Нашето здравје и безбедност, здравјето и безбедноста на сите во падокот и на фановите мора да биде на прво место. ФИА, но и сите спортски федерации ширум светот, ја донесоа правилната одлука.

КРУГ.МК: Некои спортски федерации донесоа навремена одлука да ги откажат настаните уште пред почетокот на сезоната. Во Формула 1 на пример, до последен момент се очекуваше Австралиското Гранд При да се одржи, за на само неколку часа пред првиот тренинг да ја донесат конечната одлука истото да се откаже. Кое е твоето мислење за сето тоа?

Како што може да забележите, ситуацијата со Корона вирусот се менува секој ден, ако не и секој час. Вакви одлуки се секогаш тешки, има премногу променливи детали кои мора да се земат предвид. Не ја осудувам Формула 1 и ФИА што се обидоа да ја одржат трката, ги следев настаните преку вашиот портал, според мене тие едноставно сметаа дека можат да ја контролираат ситуацијата до одредено ниво. Во Мелбурн имало и други големи настани само неколку дена пред тркачкиот викенд.

КРУГ.МК: Бидејќи си во падок просторот во текот на сезоната во ТЦР Европа првенството, дали сметаш дека воопшто може да се контролира ваква сериозна состојба?

Тешко прашање. Би рекол не. Во падокот се присутни многу луѓе, возачите, тимскиот персонал, преставници на спонзорите и многу фанови. Како што видовме со Мекларен, еден член беше заразен и тоа доведе до повлекување од трката, а потоа уште 14,15 други членови беа ставени во карантин. Сите во падокот се движат наоколу, разговараат, се поздравуваат, имаат контакт. Тешко е, скоро невозможно, да се контролира сето тоа.

КРУГ.МК: Ако може да погледнеме кон позитивни нешта, ти веќе беше целосно вложен во подготовките за новата сезона се до овој момент, по успешна 2019 во која освои поени за себе и тимот на PSS Racing Team. Што следува понатаму?

Да, имавме успех во 2019, освоивме поени, имавме одлични дуели, но мора да продолжиме да се подобруваме. За 2020 се подготвував напорно со цел да имаме уште подобра сезона, со уште повеќе поени и да бидам во конкуренција не само за поени, туку и за подиум. Тоа не се промени по одлуката на ФИА. Продолжувам со подготовките, иако Белгија е откажана, не очекуваат следните трки. Со мојата екипа ја следиме секако ситуацијата со Корона вирусот, постојано сме во контакт со организаторите на трките во ТЦР Еворпа првенството и со ФИА, но на крајот ќе ја почитуваме севкупната одлука, за доброто на сите.

КРУГ.МК: За крај, што би ги советувал не само фановите на моторспортот, туку сите севкупно?

Чувајте се. Ситуацијата е сериозна и ова не се моменти кога треба да ги игнорираме советите од здравствените институции и од властите. Нивните одлуки и совети се со причина. Сите имаме должност да се однесуваме коректно и совесно со оглед на случувањата. Треба да бидеме внимателни и свесни за ситуацијата и последиците. Трките, спортот, забавата, дружењето со пријатели нема да исчезнат и може да почекаат.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ