Маса размислува да тужи за титулата во 2008 година

Фелипе Маса планира да процени дали има некакви правни патишта кои би можеле да му помогнат да го оспори исходот на светскиот шампионат во Формула 1 во 2008 година, кога за само еден поен ја загуби титулата од Луис Хамилтон.

Бразилецот беше поттикнат на акција од неодамнешните коментари на поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, кој откри детали за критичната трка за Големата награда на Сингапур во 2008 година, која пак многу ги чинеше амбициите за титулата на Маса таа година. Таа трка во Сингапур е најпозната по намерниот судар предизвикан од Нелсон Пике Јуниор, што доведе до безбедносно возило кое на крајот му помогна на неговиот тогашен тимски колега од Рено, Фернандо Алонсо, да победи на трката.

Контроверзноста, исто така, имаше огромно влијание врз битката за титулата, бидејќи безбедносното возило доведе до грешка во боксот од екипажот на Ферари кај Маса што го симна тогашниот лидер на трката во поредокот и тој заврши 13ти, додека главниот конкурент за титулата Хамилтон го освои третото место. Поените од тој ден веројатно го решија исходот на светскиот шампионат бидејќи Хамилтон ја заврши сезоната само еден бод пред Маса во поредокот по Бразилското Гранд При.

Деталите за намерните дејствија на Пике се појавија во јавноста следната година, а тие резултираа со двегодишна суспензија на Рено од Ф1, додека тогашниот шеф на тимот Флавио Бриаторе и техничкиот шеф Пет Симондс исто така беа казнети за нивната улога во настаните.

Во тоа време, Маса ги предводеше повиците до ФИА да го поништи резултатот од трката во Сингапур, но статутите на раководното тело го направија тоа невозможно бидејќи пласманот од секоја сезона е непроменлив според меѓународниот спортски кодекс откако ќе заврши церемонијата на наградите на ФИА.

Понатаму, истрагата на ФИА за настаните во Сингапур не откри никаков доказ кој сугерираше дека Алонсо и поширокиот тим на Рено знаеле за планот за сударот или помогнале во неговото извршување, така што раководното тело сметало дека би било неправедно да се промени резултатот.

Сепак, Маса мисли дека има основа да се преиспитаат работите уште еднаш по неодамнешните коментари на Еклстон кои сугерираат дека тој и ФИА биле свесни за прекршувањето на правилата пред крајот на сезоната во 2008 година, така што во тој период можело да се преземе акција за промена на резултатот.

Во интервју порталот Ф1-Инсајдер минатиот месец, Еклстон изјави дека тој и тогашниот претседател на ФИА, Макс Мозли, знаеле за ситуацијата во текот на сезоната во 2008 година. Тој додаде:

Решивме да не превземеме ништо. Сакавме да го заштитиме спортот и да го спасиме од огромен скандал. Затоа користев ангелски јазици за да го убедам мојот поранешен возач Нелсон Пике да остане смирен.

Тогаш постоеше правило дека пласманот на светскиот шампионат по церемонијата на доделување на наградите на ФИА на крајот на годината е непроменлив. Така на Хамилтон му беше врачен трофејот и се беше во ред.

Имавме доволно информации навреме за да го истражиме случајот. Според статутите, под овие услови требаше да ја откажеме трката во Сингапур.

Тоа значи дека трката немаше да влијае над пласманот во шампионатот И тогаш Фелипе Маса ќе станеше светски шампион, а не Луис Хамилтон.

Овие забелешки поттикнаа интерес од Маса, кој вели дека сака да процени дали сега има или не основа да се разгледа прашањето преку правни канали. Зборувајќи за Motorsport.com, Маса изјави:

Постои правило кое вели дека кога се решава шампионатот, од моментот кога возачот ќе го добие шампионскиот трофеј, работите веќе не можат да се менуваат, дури и ако е докажано дека е кражба.

Во тоа време адвокатите на Ферари ми кажаа за ова правило. Отидовме кај други адвокати и одговорот беше дека ништо не може да се направи. Затоа, логично верував во оваа ситуација.

Но по 15 години, слушаме дека поранешниот сопственик на категоријата вели дека дознал во 2008 година, заедно со претседателот на ФИА и тие не направиле ништо со цел да не го оцрнат името на Ф1.

Ова е многу тажно, да се знае дека резултатот од оваа трка требаше да биде откажан и јас да имам титула. На крајот, јас бев тој кој загуби најмногу со овој резултат. Значи, ние сакаме да го разгледаме сето тоа.

Маса прифаќа дека неговите шанси да најде каков било пат за да го оспори резултатот се мали, но тој инсистира дека тоа нема да го спречи.

Има правила и има многу работи кои, во зависност од државата, не може да се вратите назад по 15 години за да се реши ситуацијата – рече тој.

Но, имам намера да ја проучам ситуацијата, да проучам што велат законите и правилата. Мора да имаме идеја за тоа што е можно да се направи.

Сепак, Маса е јасен дека неговата мотивација уште еднаш да ја разгледа работата не е поттикната од желбата за финансиска компензација.

Никогаш не би тргнал по тоа размислувајќи финансиски. Би тргнал по тоа размислувајќи за правдата.

Мислам дека ако сте казнети за нешто што не е ваша вина, а тоа е производ на грабеж, украдена трка, правдата треба да биде задоволена.

Всушност, вистинската ситуација е да се откаже резултатот од таа трка. Тоа е единствената правда што може да се спроведе во ваков случај.

Маса рече дека не е невообичаено другите спортови да ги менуваат резултатите многу години по натпреварите кога се појавиле нови докази за мамење.

Веќе видовме дека се случуваат вакви ситуации во други спортови, како на пример Ленс Армстронг, за кој беше докажано дека се допингувал и ги загуби сите титули. Која е разликата?

На прашањето дали разговарал со неговиот поранешен тим Ферари за ова прашање, Маса истакна дека тоа се уште не се случило.

Иако Маса планира да го разгледа ова прашање, се чини дека нема никакви правци за откажување на резултатот од Големата Награда на Сингапур во 2008 година. Сопствениот меѓународен спортски кодекс на ФИА не дозволува протести по трка, а секое право да се бара преглед истекува 14 календарски дена по натпреварот и четири дена пред датумот на церемонијата на доделување на наградите на ФИА таа година.

Понатаму, судскиот систем на ФИА е јасен дека највисокиот орган за донесување каква било пресуда е независниот Меѓународен Апелационен Суд и дека сите лица вклучени во првенството се согласуваат да го почитуваат ова. Значи, нема алтернативни судови кои Маса би можел да ги користи.

Членот 1.3.1б од меѓународниот спортски кодекс вели дека натпреварувачите треба да се обврзат без резерва да се подложат на горенаведеното и на одлуките на спортскиот орган и на последиците што произлегуваат од нив.

Иако теоретски, Маса може да ги разгледа ставовите на судот за спортска арбитража (CAS), тој нема јурисдикција над ФИА за прашање како ова. Статутите на ФИА налагаат дека CAS може да биде вклучен само во прашања кои се однесуваат на анти-допинг дисциплинскиот комитет на ФИА.

Оваа судска структура во рамките на ФИА, беше една од причините зошто Мерцедес се откажа од својот случај против резултатот од Големата Награда на Абу Даби во 2021 година, каде Хамилтон ја загуби титулата поради недоследните одлуки од директорот на трката во Ф1, Мајкл Маси.

Зборувајќи во тоа време за ова прашање, тимскиот шеф на Мерцедес, Тото Волф, рече дека ако постоеле опции преку други правни канали, тогаш тие ќе биле следени.

Веруваме дека имавме многу силен случај и ако го погледнете од правна страна, ако би се судело во редовен суд, речиси може да гарантирате дека ќе победивме. Но, проблемот со меѓународниот апелационен суд е во начинот на кој e структуриран.

ФИА навистина не може сама да ја оценува својата домашна задача. И има разлика помеѓу да се биде во право и да се добие правда.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ