Мексико: Нов триумф на Мaкс, подиум за Перез

Макс Верстапен победи по 19ти пат во својата Формула 1 тркачка кариера откако феноменално се залета на стартот од трката и ги мина двата болиди на Мерцедес, не испуштајќи го водството до крајот на трката.

Второто место му припадна на Луис Хамилтон кој дојде до својот 178ми подиум во кариерата, а Серхио Перез дојде до подиум пред својата домашна публика, подиум број 14 за него.

Почетокот и крајот на трката беа највозбудливи. Стартот го донесе она од што Мерцедес најмногу се плашеа и иако паралелно се поставија, Макс многу храбро од надвор успеа да ги мине двата болиди со многу доцно сопирање. Ја поведе трката и до крајот не го испушти водството.

Валтери Ботас беше на пол, загуби позиција од Ред Бул, но и од својот колега, а неговото многу претпазливо возење на првата кривина му донесе удар од Даниел Рикардо од позадина кој беше преголем оптимист, се квалификуваше на 7мо место и сакаше по првата кривина да биде 3ти. Ударот го изврте финецот на патеката во целосно обратна насока, по што влезе по нови гуми, овој пат хард и продолжи од последното место. Рикард промени предно крило во истиот момент со него.

Се случи уште еден инцидент кој беше посилен. Имено, Естебан Окон со Алпин беше прептазлив кога виде извртен болид на патеката и нормално забави, но Мик Шумахер десно од него и Јуки Тсунода лево од него беа преголеми оптимисти и сакаа да ќарат што повеќе позиции. Двајцата буквално скокнаа откако минаа преку гумите на Окон и една кривина од првиот круг беше нивното појавување на трката.

Со два болиди крај патеката, се појави безбедносното возило кое остана во трката четири кругови. При повлекувањето, Карлос Саинз имаше одличен рестарт и го мина Антонио Џовинаци од Алфа Ромео пред себе за 6то место откако претходно на стартот загуби позиција од својот колега.

Следуваше период во кој немаше возбудувања се до промената на гуми која ја отвори Луис Хамилтон со боксот во 30от круг, по кој излезе зад Шарл Леклер од Ферари. Моначанецот зема нови хард следниот круг, а Пјер Гасли, кој беше пред него во поредокот, промени во 32та обиколка. Лидерот Верстапен доби нов сет хард во 33отк круг.

Серхио Перез како и секогаш беше шампион во менаџирање на гумите и одработи дури 41 круг со почетните медиум гуми, но и од него имаше подобар затоа што дури два круга подоцна нов сет доби Карлос Саинз од Ферари.

Болидите на Скудерија си ги заменија местата во 58от круг откако стана јасно дека 12 кругови поновите гуми на Саинз го прават побрз од Леклер. Шпанецот се пушти во потера по Пјер Гасли, но откако не успеа да стигне до него, му ја врати позицијата на колегата во претпослендиот круг од трката и финишираше зад него.

Последните 10-тина кругови донесоа возбуда затоа што Серхио Перез тргна во потера по Луис Хамилтон. Неколку кругови возеше зад него, дојде и во ДРС зоната, но не успеа да мине. Следуваа кругови на полнење на батерија и ладење на болидот по кои повторно се обиде, но немаше сила за второ место.

Очајните Мерцедес го внесоа Ботас во бокс по нови софт на 5 кругови пред крајот на трката за да го одземе поенот за најбрз круг од Верстапен, но ионака немаше да го добие затоа што не беше во топ 10. Откако Валтери се врати на патеката, беше зад Верстапен и го мина поради тоа што беше побрз од него, но холанѓанецот му врати. “Сребрените“ сфатија дека нема да може зад Макс да постават брзо време и 3 кругови подоцна повторно променија кај Ботас чија последна обиколка му донесе најбрз круг, но и последно место на трката.

Така, 1-3 трка за Ред Бул, а Мерцедес со Хамилтон ги раздели.Пјер Гасли одличен со 4то место пред двата болиди на Ферари, Леклер пред Саинз. Седмо место за Себастијан Фетел, пред Кими Раиконен и Фернандо Алонсо, ветераните и поранешни прваци во поени. Последен во топ 10, Ландо Норис.

Image

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ