Ривалите сега бараат 600 милиони долари од Андрети

Формула 1 тимовите се залагаат за тројно зголемување од таксата од 200 милиони долари што ќе треба да ја плати единаесеттиот учесник како Андрети за да се приклучи на светскиот шампионат во Формула 1.

Изворите сугерираат дека 10те сегашни тимови сакаат таксата за заштита од разводнување на потенцијалната добивка да се зголеми на најмалку 600 милиони долари, при што еден од тимските шефови изјави за Motorsport.com дека тоа е најниската бројка што е спомената и дека може да биде повисока.

Доколку се договорат, новата бројка би можела да го принуди Мајкл Андрети да ги преиспита своите планови за влез со брендот Кадилак на Џенерал Моторс, кој е согласен со сегашната бројка. Андрети сè уште има опција да купи постоечки тим, откако претходно беше одбиен од Заубер.

Интригантно, потенцијалното зголемување на влезната такса доаѓа токму кога се појави веста дека шефовите на Ред Бул ја разгледуваат иднината на АлфаТаури, со опции кои вклучуваат ставање на продажба или задржување на двете екипи. Познато е дека Андрети се распрашувал за купување на италијанската екипа во минатото, а тие дискусии сега би можеле да се рестартираат.

Цената на Ред Бул веројатно ќе биде далеку над потенцијалната цена од 600 милиони долари за нов влез, но Андрети би имал добра почетна точка со фабриката во Фаенца и аеродинамичкиот оддел со седиште во Велика Британија, како и тоа што нема да ги компензира своите ривали.

Оригиналната такса од 200 милиони долари за заштита од разводнување беше договорена како дел од тековниот Конкорд договор, кој беше потпишан во Август 2020 година и кој ги покрива сезоните до 2025 година. Таа гарантира еднократна исплата од 200 милиони долари од кој било нов учесник за секој од 10те постоечки тимови.

Таксата имаше за цел да се анулира потенцијалната загуба на парична награда за сегашните тимови врз основа на тоа дека новодојдениот можеше да влезе уште во 2022 година и на тој начин да земе дел од вкупниот награден фонд за последните четири сезони од Конкорд договорот.

Откако не успеа да најде влез во Формула 1 со купување на постоечки тим, Андрети го пренасочи својот фокус на старт од нула и добивање ново место. Така, тој е подготвен да изврши исплата од 200 милиони долари и да влезе веќе во 2025 година, последната година од Конкорд договорот.

Опцијата за нови пријави беше формално отворена во Јануари од страна на ФИА кога објави повик за изразување интерес за влез во 2025, 2026 или 2027 година, како прва фаза во процесот. Се смета дека три потенцијални тимови го направиле тој чекор, а на Андрети му се придружиле на Хајтек и Пантера Азија. Надоместокот против разводнување ќе стане релевантен само ако потенцијалниот тим ги помине сите проверки и биде привремено прифатен од ФИА. Ако тоа се случи, ќе стане главна точка на дебата.

Како што понудата на Андрети собра замав минатата година, постоечките тимови јасно ставија до знаење дека веруваат дека сегашната такса од 200 милиони долари повеќе не е доволна. Бројката беше договорена во летото 2020 година во екот на пандемијата на КОВИД, при што одложената Ф1 сезона штотуку започна и трките се одржуваа без публика.

Во тоа време, неколку тимови беа под голем финансиски притисок и имаше вистински стравувања дека еден може да се изгуби, а некои активно бараа нови купувачи или инвеститори. Продажбата на Вилијамс на Дорилтон Капитал тоа лето, исто така, создаде голема вредност на еден тим во тоа време.

Во текот на изминатите три години ситуацијата драматично се промени, со ограничениот буџет што ги намали трошоците и интересот поттикнат од Drive to Survive помага да се зголеми приходот за тимовите, од кои сите сега се во здрава позиција, а некои ги одбиваат потенцијалните купувачи. Вредностите на сегашните тимови се драстично зголемени и тие се претпазливи за влијанието на 11от учесник.

Јавно, заедничкиот став од шефовите на тимовите е дека им веруваат на ФИА и Ф1 да спроведат фер процес на влез и да утврдат дали некоја од понудите е остварлива, и тие нагласуваат дека секој нов учесник мора да донесе нешто во спортот.

Сепак, додека понудата на Андрети навидум беше засилена со најавата за партнерство на ЏМ и Кадилак, зад затворени врати ривалските тимови остануваат решени да го задржат гридот со 20 болиди, а поддршката од производителот нашироко се отфрла.

Од 2026 година, ќе има нов Конкорд со вградена неизбежно многу поголема такса за заштита од разводнување, што објаснува зошто Андрети сака да дојде во 2025 година и со тоа да работи една сезона според сегашната формула на спортот. Сепак, постојните тимови, исто така, сакаат да ја променат таксата за 2025 година, како што е договорено во сегашниот Конкорд и покрај тоа што процесот на понуда за влез веќе започна. Постапка за таква промена постои, а 10те сегашни тимови и Ф1 организацијата едногласно би требало да се договорат за зголемување на таксата. По неколкумесечна дебата, се чини дека таков потег е блиску да се случи.

Додека Андрети јасно стави до знаење дека е подготвен да потроши 200 милиони долари, останува да се види како тој и неговите инвеститори ќе реагираат ако одеднаш им се покаже драстично поголема бројка. Може да има дури и правен предизвик за таквата промена, што може да се смета како пречка за влез.

Како што е наведено, таксата за заштита од разводнување е технички поврзана со потенцијалната загуба на паричната награда што произлегува од додавањето на 11от тим, додека постоечките тимови го поврзуваат со потенцијалната вкупна вредност на влезот, при што се верува дека 600 милиони долари го одразуваат најновиот договор, продажбата на Заубер на Ауди, и тоа најверојатно ќе биде точка на расправија.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ