Сингапур, Трка – Ветел убедливо до победа

Пеколна атмосфера пред стартот на 8то Сингапурско ГП, втора ноќна трка сезонава, прва пол позиција за болид без мотор на Мерцедес во новата турбо ера и уште една трка со безбедносно возило.

Пред почетокот на самиот старт, при инсталацискиот круг, проблемите за Мерцедес продолжија. Моторот на Нико Розберг згасна по излезот од боксовите, но набргу механичарите успеаја да го вратат во живот. Откако светлата на семафорот се згаснаа, одличен старт за првите четворица, Ветел, Рикардо, Раиконен и Квјат. Мерцедес ги задржаа своите позиции, но имаа значителен притисок од возачите на Вилијамс. На самиот грид Верстапен за жал не го искуси истото, неговиот болид згасна, па младиот возач мораше да ја стартува трката од бокс.

На врвот на поредокот како некој да ја нашол верзијата на Ветел од 2013 година, ја избришал прашината и го пратил да се трка. Германецот катапултираше до предност од 3.5 секунди пред второпласираниот Рикардо по само 1 круг. До 8 круг Себ го намали темпото и ја одржуваше разликата пред Рикардо помеѓу 5 и 6 секунди.

Во периодот кога започнаа првите влегувања во бокс, помеѓу 12от и 15от круг, го добивме првото безбедносно возило. Имено, при излегување од бокс, Фелипе Маса се движеше по својата траекторија, но набргу налета Нико Хулкенберг кој по анализа на неколку кадри од инцидентот, не остави доволно простор за двајцата.

sing_trka_masa_hulk

Форс Индијата претрпе поголеми оштетувања и неговиот болид остана покрај патеката. Маса немаше никакви оштетувања на својот болид. По анализа на инцидентот, официјалните лица се одлучија да му доделат казна од 3 грид позиции на Хулкенберг која ќе биде применета на следната трка.

sing_trka_hulk2

Поради премногу остри остатоци од карбон-фибер, чистењето на патеката траеше неколку кругови, нешто што воопшто не му се допадна на Себастијан Ветел и Маурицио Аривабене кои сметаа дека немало потреба од безбедносно возило и дека немало толку многу остатоци на патеката. Но во секој случај, разликата помеѓу Ветел и Рикардо исчезна, а исчезна и Даниил Квјат, кој од 4то место по влегувањето во бокс, се најде позади двата Мерцедеса на 6то место.

Во круговите по безбедносното возило разликата помеѓу Ветел и Раиконен на 3то место беше само 1.6 секунди со Даниел Рикардо помеѓу двајцата. На неколку пати Луис Хамилтон по тимското радио пренесе на својот тим дека Ветел го успорува значително темпото, но по некоку моменти ситуацијата стана повеќе од јасна. Ветел примени одлична стратегија на штедење на своите супер-меки пневматици, а истата ја применија и Рикардо и Раиконен. И покрај тоа, Хамилтон не успеа да ја намали разликата помеѓу него и водечкото трио.

И ако фрустрациите на Хамилтон не беа доволно истакнати, 1 круг по последното тимско радио, во 28от тој повторно се јави и пренесе дека изгубил моќ во моторот и почна да паѓа надолу во поредокот. Набргу се дозна дека не е само еден проблем, туку неколку и резултатот од сите проблеми; Хамилтон ја помина стартно целната рамнина 40 км/час побавно од сите останати и со 160 коњски сили помалку.

Додека Луис возеше наназад, проблеми се појавија и кај болидот на Маса и од тимот побараа да влезе во бокс и тоа беше крај на трката за Бразилецот. Истата судбина го снајде и Фернандо Алонсо, а набргу и Хамилтон мораше да се повлече во бокс и тоа беше крај на трката за водечкиот во генералниот пласман.

Во текот на 37от круг второ безбедносно возило. Овојпат поради нешто што не сме виделе одамна. Имено, претпоставуваме гледач го нашол влезот директно на патеката и се прошета по истата додека не го најде излезот. Навистина опасна ситуација, како за истиот така и за возачите. Ќе биде интересно да се дознае како ФИА ќе реагира на сето ова, затоа што истите беа децидни дека вакво нешто не смее да се случи.

sing_trka_covek_na_pateka

По рестартот, огромна мешаница за последните позиции во поени. Неколку возачи вмешани, Малдонадо, Батон, Сајнц, Ериксон и Верстапен. Сето тоа доведе до контакт помеѓу Батон и Малдонадо и Британецот мораше да влезе во бокс и да го смени носот, што значеше и позиција надвор од поени за него.

sing_trka_baton_maldonado_sajnc_erikson

Сите овие мешаници ја доведоа трката до самиот двочасовен лимит. На чело на поредокот, Себастијан Ветел и Даниел Рикардо влегоа во битка на најбрзи кругови и Австралиецот беше се поблиску и поблиску. Кими не успеа да се доближи до Рикардо, но убедливо се оддели од Розберг на 4та позиција.

Спектакуларно Сингапурско ГП, кое покрај возбудливата трка ни врати спомени од златните времиња на Формула 1, кога возачите ризикуваа се за да постигнат што подобар резултат. Да го цитираме Џенсон Батон, “Ова е токму тоа што и требаше на Формула 1“.

Следува конечниот пласман:

sing_rezultati_konecno

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ