Саудиска Арабија, Квалификации: Перез со пол позиција, Алонсо сериозно конкурентен

Серхио Перез повторно докажа дека е мајстор за улични патеки со новата пол позиција за Големата Награда на Саудиска Арабија.

Мексиканецот постави најбрз круг од 1:28.265, 0.155 секунди пред Шарл Леклер и 0.465 секунди пред феноменалниот Фернандо Алонсо.

Во првиот сегмент од квалификациите беа елиминирани Јуки Тсунода, Алекс Албон, Ник де Врис, Ландо Норис и Логан Сарџент. Од овие возачи, само Ландо Норис не успеа да се пласира на повисока позиција поради контакт со ѕидот во последниот свиок при што ја оштети својата лева предна суспензија и тоа го означи крајот на сесијата за британецот.

Логан Сарџент имаше поставено доволно брзо време по круг за да се пласира во вториот сегмент, но за сега од нејасни причини, неговото време беше избришано поради пречекорување на границите на патеката во свиокот 27, свиок во кој не може да се пречекорат, бидејќи е опркужен со ѕидови од двете страни. Останува стјуардите на ФИА да појаснат.

Клучен момент во вториот квалификациски сегмент е проблемот кој се јави кај Макс Верстапен што го прекина неговиот најбрз круг, додека холанѓанецот немаше поставено брзо време и мораше да се откаже од сесијата. Верстапен ќе стартува 15ти, односно 14ти зависно од казната на Леклер.

Во К2 беа елминирани Нико Хулкенберг, кој ќе стартува 11ти, следен од Жу Гуанју, Кевин Магнусен во вториот Хаас и Валтери Ботас на 14то место пред Макс Верстапен. Овој поредок зависи сепак од конечниот пласман на Шарл Леклер кој има казна од 10 грид места.

Третата сесија од квалификациите за Големата Награда на Саудиска Арабија заврши позитивно за Серхио Перез во останатиот Ред Бул и мексиканецот ќе стартува од пол позиција. Шарл Леклер извозе второ најбрзо време, но ќе стартува 12ти поради казната. Фернандо Алонсо повторно ја покажа својата класа и неверојатно добро подготвениот болид на Астон Мартин со пласман на третото, односно второто место.

Џорџ Расел се пласираше на 4то место, следен од Карлос Саинз на петто место. Ленс Строл изгледаше дека ќе биде повисоко пласиран, но ја заврши сесијата на шесто место, следен од Естебан Окон, Луис Хамилтон, Оскар Пиастри и Пјер Гасли. Секако, сите овие возачи ќе напредуваат една позиција напред поради казната на Леклер, со што Нико Хулкенберг ќе стартува како 10ти.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ