ТЦР Европа, Франција: Давидовски до нов успех и покрај проблеми со гумите

На вториот настан во По, Франција, од годинешното првенство во ТЦР Европа, нашиот претставник Виктор Давидовски продолжи со силната серија на резултати, иако на втората трка проблем со гумите му го одзеде подиумот и потенцијалната победа.

Во првата трка во Сабота, победник беше Душан Боркович со неговото Хјундаи и тоа е негова прва победа од Хунгароринг во 2018 година. Пред две недели во Портимао српскиот возач имаше разочарувачки почеток во сезоната.

Во таа трка Давидовски имаше силна борба со Кејрол за четврттото место, кое на крајот и го освои откако Кејрол доби казна од 5 секунди за преран старт.

Во неделната втора трка, Давидовски покажа неверојатно темпо и очигледно беше класа над возачите околу него. На самиот старт на трката беше истакнато безбедносното возило поради судар, но по рестартот Давидовски силно нападна за водечките позиции, оставајќи го Боркович зад себе. Од третата позиција, првин го претекна својот тимски колега, доаѓајќи до второ место зад другиот тимски колега, Том Коронел, кој на крајот ја забележа победата пред Душан Боркович.

На 10тина кругови до крајот Давидовски го постави и најбрзото време по круг, доближувајќи се веднаш зад Коронел со шанса да го нападне за првата позиција. Меѓутоа во тој момент имаше проблем со една од своите гуми и за жал мораше да влезе во бокс.

На патеката се врати на 10то место со големо заостанување, но очигледно беше дека и патеката и неговото Ауди му одговараат на македонскиот возач. Тој даде се од себе и на крајот успеа да го освои седмото место. Доколку не беше проблемот со пневматикот, повеќе од сигурно Давидовски ќе атакуваше и можеби ќе стигнеше до победа.

По првата трка во По, Давидовски е на шесто место во генералниот пласман со 65 поени.

Следниот настан во ТЦР Европа е закажан за 26 – 28 Мај на легендарната Спа-Франкошамп. На истата трка, повторно ќе се соединат ТЦР Европа и возачите од светскиот ВТЦР.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ