Унгарија: Кога Хамилтон води, Хамилтон победува

Позната Формула 1 поговорка која важи веќе пет години е кога Луис Хамилтон води, тогаш Луис Хамилтон победува. Британскиот актуелен првак рутинирано победи предавајќи го водството на Себастијан Ветел само кога промени гуми.

Ова беше победа број 5 за Луис во Унгарија, негов 7ми подиум на истата патека, победа број 67 во кариерата и подиум број 126 во кариерата. “Сребрените“ стигнаа до 81ва победа и 168ми подиум во нивната историја. Во последните 13 години само 5 пати победил тој што ја освоил пол позицијата, но Хамилтон беше 6ти од 14 трки.

Во последниот дел од трката болидите на Ферари го минаа до Валтери Ботас, Себастијан Ветел стигна до 6от подиум во Унгарија и негов 107ми во кариерата, додека за Кими Раиконен ова беше рекорден 9ти подиум крај Будимпешта и негов 99ти во кариерата.

Даниел Рикардо во последниот круг стигна до 4то место минувајќи го Валтери Ботас, Гасли финишираше најдобар од останатите, Хаас со 7мо и 10то место, 4 поени за Алонсо, а два за Саинз.

Откако вчерашните дождливи квалификации беа одработени со интермедиа и сини гуми за дожд, екипите имаа слободен избор на гуми за старт,топ 10 возачите сите почнаа на ултрасофт, освен Ветел и Саинз кои тргнаа од 4то и 5то место со софт компонентата.

Стартот беше возбудлив, Кими тргна и ги нападна Мерцедес, но не успеа да мине, а Ветел иако тргна “тромо“ се созема и го превзема 3то место на својот тимски колега. Одличен старт имаше и Макс Верстапен кој од 7мо место ги мина Саинз и Гасли и се позиционираше на 5та позиција.

На стартот имаше и инциденти, Шарл Леклер влезе во сендвич помеѓу Окон и Перез кои го притиснаа и трката мораше да ја заврши само по неколку кривини. Проблеми имаше и Даниел Рикардо кој се судри со Маркус Ериксон со предното лево тркало и од 12то стартно место падна дури на 16то.

Макс Верстапен со својот Ред Бул РБ14 успеа да комплетира само 6 кругови пред да се откаже. Холанѓанецот беше гневен и пцуејќи го напушти болидот, а првичната изјава на Кристијан Хорнер беше дека се работи за проблем со кинетичкиот МГУ-К дел од Системот за повраток на енергијата. Излегувањето на Верстапен предизвика појавување на Виртуелно безбедносно возило.

Во 15от круг Кими Раиконен беше прв што влезе по свежи гуми и од ултрасофт промени на софт, а се чини дека истото беше направено за да го натера и Ботас во бокс со цел да му се отвори место на Ветел да го “брка“ Хамилтон. Валтери промени уште следниот круг, Кими од 4то падна на 6то место, а Ботас од 2ро на 4то.

Првите 20-тина кругови беа во знакот на Даниел Риакрдо кој минуваше болид по болид пред себе, а во 17от круг го мина Карлос Саинз за 7мо место,4 кругови подоцна Магнусен за 6то, а во 27от круг и Пјер Гасли за 5то.

Истиот тој 17ти круг Раиконен го мина Магнусен позиционирајќи се на 5то место, а Ботас го превзеде 3то место на Пјер Гасли. Кими стигна до 4то место минувајќи го Гасли во 22от круг.

Во кругот број 24 Луис Хамилтон го направи своето единствено застанување во бокс  по софт гуми и излезе зад Ветел, на 2ро место.

Кими Раиконен жестоко го притискаше Валтери Ботас и во 39от круг влезе по нови гуми, менувајќи ги своите софт со друг сет, користени во Петок, а следниот Круг своето застанување го имаше и Себастијан Ветел монтирајќи ултрасофт. Но, менувањето на Себ беше над 5 секунди, што му дозволи на Ботас да го превземе неговото 2ро место. Најдолга прва серија од 45 кругови имаше Даниел Рикардо.

Стофел Вандорн успеа да остане на патеката 51 круг пред да се откаже поради проблеми со менувачот и тоа додека беше во поени.

Од 50от круг болидите на Ферари беа залепени зад Валтери Ботас чекајќи да попуштат неговите задни гуми за да ја превземат неговата позиција откако Хамилтон избега 15-тина секунди во водство со празна патека пред себе.

Кругот број 65 беше моментот кога Ветел нападна на првата кривина, Ботас се одбрани, Себ проба однадвор на следната и мина, но финецот претера со доцното запирање и го закачи задниот дел на Ферари, нанесувајќи штета само на својот болид.Во истиот момент тој загуби позиција и од Раиконен по што падна на 4то место.

Три кругови подоцна финецот ја губеше својата потисна сила и беше нападнат од Даниел Рикардо на првата кривина. Возачот на Ред Бул се обиде однадвор, но Ботас буквално влета во него и го истурка со оштетување. Во последниот круг Даниел повторно нападна, а Валтери доби наредба од тимот да го пропушти по што заврши на 5то место.

Предноста на Луис се зголеми на 24 поени, додека Раиконен заостанува дополнителни 43 зад Ветел. Валтери Ботас е 4ти со 132 поени, само 14 повеќе од Даниел Рикардо. Макс Верстапен е на 6то место со 105 поени, 7ми е Хулк со 52, 7 повеќе од Магнусен, кој е поен пред Алонсо.

Кај тимовите, предноста на Мерцедес е само 10 поени, додека Ред Бул се безбедни на 3то место. Рено се 4ти со 82 поени, 16 повеќе од Хаас. додека американците имаат предност од 7 поени пред Форс Индија.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ