Јуниорите се “слатка мака“ на Ферари

Ферари поминува низ мизерна Формула 1 сезона, но доколку погледнат кон пониските категории ќе забележат дека повеќето од нивните јуниорски возачи се борат за титула и се многу конкурентни и брзи.

Ферари има 5 возачи во јуниорската Формула 2 тркачка серија годинава и еден веќе се истакнува, додека и другите се присутни додека се обидуваат да го направат следниот чекор кон Формула 1. Во првиот тим возачкиот тандем има договор до 2023 година, но тимовите секогаш гледаат кон иднината. По Шарл Леклер, веќе има нов бран на возачите кои се дел од академијата на Скудерија и кои сакаат да ги следат неговите чекори.

Во скратеното првенство, јуниорите на Рено веќе загубија, додека пак Вилијамс, кои имаат тројца возачи во Формула 2, веќе потврдија дека остануваат со истиот тандем. Но Алфа Ромео, кои имаат блиска врска со Ферари, сеуште не го потврдиле својот возачки тандем. Од 2018 година Ферари има влијание над едно од возачките места во таа екипа, кои досега беа пополнети од Шарл Леклер и Антонио Џиовинаци. Хаас, кои ги користеа услугите на Леклер и Џиовинаци во петочните сесии, исто така не го потврдиле своето возачко дуо.

Доколку постои шанса во Алфа Ромео или Хаас за 2021 година, Ферари има многу опции, а главен меѓу нив е моменталниот шампион од Формула 3 и лидер во првенството во Формула 2, Роберт Шварцман. Русинот имаше подиум на неговото деби, а потоа победи на втората трка во Австрија, како и победа во Унгарија стартувајќи од 11то место. Со 81 поен и водство, тој е силен и моќен за возач кој самошто почнал да се трка во Формула 2. 

Двајца од најблиските конкуренти се тимските колеги од академијата на Ферари, кои се во втората сезона во Формула 2: Калум Илот од УНИ-Виртуоси и Мик Шумахер, неговиот колега во Према.

Поранешниот возач на Ред Бул, Илот, не беше толку забележителен во 2019 година. Тој стигна до пол позиција, четири подиума и стана посилен како што измина сезоната. Тој направи трансфер во УНИ за 2020 година и стигна до првата победа во Австрија, а моментално е на второ место во пласманот, со 63 поени.

Во меѓувреме, Шумахер, е “под лупа“ како никој друг, најмногу поради неговото семејно име. Како син на најуспешниот возач во Формула 1 на сите времиња, тоа може да биде доблест, но и тежина, сметајќи дека презимето му ги отвора вратите. Неговиот прв тест со Ферари во Април минатата година привлече огромна публика, но не беше неоправдана за шампионот од Формула 3. Неговата деби сезона во Ф2 помина и добро и лошо, но неговите резултати покажуваат дека првата сезона за него е созревање, додека во втората го покажува својот талент и способности. Оваа сезона е на 4то место, со 39 поени, но имаше можност и за повеќе. За оваа сезона, имаше повеќе пехови, но победата изгледа дека е многу блиску.

Едно нешто што му оди во полза на Шварцман како дебитант е промената во Формула 2 на 18 инчни тркала. Досега тие се покажуваат како непредвидливи. За многумина, искуството при возење е тотално променето. Тоа мислење го споделуваат и Илот и Шумахер.

Исто така, вреди да се спомене и Маркус Армстронг, второпласираниот во Формула 3 во 2019 година, кој моментално е на шесто место со два подиума, додека Џулијано Алези, многу малку има покажано дека припаѓа на повисоко ниво. 

Но, на челно место, Ферари има квалитетен возач во Шварцман, додека Илот и Шумахер чекаат да нападнат. Сепак, можно е возачко место во Алфа Ромео за победникот. 

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ