Рикардо си заминува од Мекларен

Мекларен и Даниел Рикардо постигнаа заеднички договор да ја раскинат нивната соработка една година порано, што значи дека осумкратниот победник на трки ќе замине на крајот од 2022 година.

Австралиецот му се приклучи на Мекларен за 2021 година со тригодишен договор, тркајќи се заедно со Ландо Норис и иако минатата година ја обезбеди првата победа на тимот од 2012 година во Монца, додека Норис беше втор, тој се бореше да го достигне многу импресивното темпо на неговиот тимски колега.

Во пресрет на Големата Награда на Белгија, додека Формула 1 се враќа од летната пауза, Рикардо и Мекларен објавија дека заедно ќе ги завршат последните девет трки во годината пред да тргнат по својот пат.

Од Мекларен велат дека во догледно време ќе објават кој ќе биде партнер на Норис во 2023 година. Рикардо ќе го стори истото во однос на неговите идни планови, но посочи дека сака да остане во Ф1.

Беше привилегија да се биде дел од семејството на Мекларен Рејсинг во последните две сезони, но по неколкумесечни разговори со Зек Браун и Андреас Сеидл, решивме да го раскинеме мојот договор со тимот порано и се согласивме да се разделиме на крајот од оваа сезона – рече Австралиецот.

Во догледно време ќе ги објавам моите идни планови, но без оглед на тоа што ќе донесе ова следно поглавје, не жалам и горд сум на напорот и работата што ги дадов на Мекларен, особено победата во Монца, минатата сезона.

Уживав да работам со сите во Мекларен и крај патеката и назад во Вокинг и ќе дадам се од себе на и надвор од патеката додека уживаме во остатокот од сезоната заедно. Никогаш не сум бил повеќе мотивиран да се натпреварувам и да бидам дел од спорт кој толку многу го сакам и со нетрпение го очекувам она што следува.

Тимскиот шеф на Мекларен, Андреас Сеидл, го изјави следното:

Би сакал да му се заблагодарам на Даниел за неговата посветеност и придонес во последните две сезони досега. И покрај заедничките предизвици, тој секогаш се појавуваше со борбеност и позитивност и му помогна на целиот тим секогаш да продолжи да притиска напред.

Никогаш нема да ја заборавиме таа незаборавна победа на трката во Монца која беше големо засилување за целиот тим. Сè уште ни претстои важна битка во конструкторскиот шампионат до крајот на сезоната и со нетрпение очекуваме да се бориме со Даниел и Ландо.

Директорот на тимот, Зек Браун го додаде следното:

Даниел беше одлично засилување за Мекларен и ми беше задоволство да се работи со него. Би сакал да му се заблагодарам за сите негови напори во последните две сезони и покрај патеката и назад во базата.

Не е тајна дека се надевавме дека ќе постигнеме повеќе заедно, но тоа што го видовме како стои на највисокото скалило на подиумот како возач на Мекларен беше врвен момент. Му посакуваме добро во иднина и ајде да уживаме во остатокот од сезоната заедно.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ