2018 ќе биде највозбудливата сезона во МотоГП

Светското првенство во МотоГП се наоѓа на својот врв. Во последните три години, со секој почеток на нова сезона, дискусиите помеѓу аналитичарите во падокот се идентични – ова ќе биде највозбудлива сезона во историјата на првенството, а тоа не е далеку од вистината.

Тоа е доказ за насоката во која промотерот на серијата, Dorna Sports, се движи во последните пет години, имплементирајќи поотворени правила со цел да се зголеми конкуренцијата на гридот, воведувајќи стандардизиран пакет на електроника за да се зближат тимовите, како и концесии за помош на нови производители.

Сето тоа придонесе кон најдоброто тркање кое што сме го виделе, доведе до три нови производители во врвната класа, Сузуки, Априлија и КТМ и дозволи МотоГП да се искачи во хиерархијата на моторспорт светот.

По драматична битка помеѓу Марк Маркез и Андреа Довициозо во 2017 година, тешко е да се замисли дека МотоГП би можело да биде повозбудливо. Обајцата ги завршија првите неколку трки со проблеми, двајцата беа прво и второпласиран пред летната пауза, двајцата стигнаа до последната трка со еднакви шанси.

Резултатот на крајот беше познат, но никогаш не беше сигурност. Како што покажаа и предсезонските тестови, во МотоГП повторно ќе има изненадувања.

Младиот талент

Иако погледот на сите беше вперен кон Маверик Вињалес во 2017 година, вниманието се промени бидејќи Јамаха продолжува да искусува проблеми со електрониката. Тестот во Тајланд Вињалес го опиша како најлош во неговата кариера возејќи за Јамаха и смета дека тимот изгубил драгоцено време на тестот во Катар обидувајќи се да го подеси моторот. Две сесии на деветта позиција е далеку од неговиот потенцијал.

Жоан Зарко од Тек 3 имаше одлично возење во својата деби сезона и многумина сметаат дека французинот може да биде конкурент за титула, иако тој сега ќе користи двегодишна стара шасија со едногодишен стар мотор.

Во Сузуки, Алекс Ринс продолжува да импресионира. Новиот мотор и шасија му го испорачаа совршениот пакет на шпанецот за да биде успешен во кралската класа.

Џек Милер од Прамак, иако нема да биде конкурент за титула, изгледа во добра форма и дефинитивно ќе биде конкурент за постојан подиумски пласман.

Зголемен притисок

Сите овие факти работат наспроти Јамаха. Во моментов, Дукати, Хонда и Сузуки имаат мотори поопширни карактеристики, коишто ќе се менуваат од трка во трка.

Еден ден се е добро, следниот ден сосема поинакво чувство. Но потоа мора да чекате до третиот ден, бидејќи можеби ќе биде подобро. Чувството од патека на патека е премногу сменето – гласеше мислењето на Валентино Роси по тестот во Тајланд.

Како и минатата сезона, Јамаха М1 функционира со мошне ограничени карактеристики во споредба со ривалите. Минатата година кога Роси и Вињалес имаа проблеми, доволно тешко беше да се задржат во топ 10. Сега, со повеќе конкурентни мотори околу нив, освојување на поен ќе претставува огромен успех.

Двајцата моторциклисти имаат проблеми со електрониката, нешто што Роси тврди дека Јамаха од секогаш го имала. Вињалес неможе да најде грип на патеката, додека Роси не е во можност да излезе од свиоци со максимална моќ. За нештата да бидат полоши за италијанецот, тој има проблеми и со трајноста на пневматиците.

Засега, барем и неговиот поранешен тимски колега, Хорхе Лорензо, исто така не изгледа во добра форма за напад кон титулата.

По прилично успешен тест во Сепанг, кадешто го постави и неофицијалниот рекорд, среќата на Лорензо се промени. Во Тајланд немаше форма, што пак го натера да го проба моторот од 2017 година, со цел да ја открие разликата.

Истакна дека новиот мотор има многу поголем потенцијал, а тоа го докажа и на тестот во Катар. Но доброто чувство од Сепанг, не го следеше и во Лосаил, кадешто повторно наиде на истите проблеми.

Сеуште не се чувствувам удобно на моторот. Не го чувствувам како мој. Треба да го најдеме правилниот сетап, најдобрата комбинација од мојот стил на возење и кога ќе се случи тоа, ќе се бориме на врвот за победи и добри резултати – изјави Лорензо.

За дуото на Јамаха и Лорензо, викендите може да биде уште потешки со појавувањето на Априлија и КТМ, кои пак имаа ветувачка форма во 2017 година, што пак доведе до поголеми очекувања за нив во 2018 година.

Пол Еспаргаро докажа дека е постојан конкурент во топ 10, а КТМ пак успеа разликата од повеќе од 3 секунди да ја намали на само 8 десетинки во период од 18 трки. Но како што дознаа и при тестовите, наоѓањето на врвниот потенцијал е најтешкиот дел. Покрај Априлија, КТМ ги очекува тешка битка.

Највозбудливата сезона досега?

Иако предсезонските тестови делумно ја опишаа ситуацијата, како ќе се одвива првенството во 2018 година сеуште е мистерија. Токму тоа го прави МотоГП возбудливо. Фабричкото Дукати и Хонда изгледаат најсилни, но Сузуки е блиску позади нив, додека неочекувана закана може да дојде од Зарко, Крачлоу и од дуото на Прамак, Милер и Данило Петручи.

Каде ќе се најде Јамаха во сето ова е тешко да се процени. Без сомнеж, кога условите се совршени, Роси и Вињалес ќе бидат на чело. Но колку често ќе има совршени услови?

Така што, дали оваа година повторно ќе биде највозбудлива во историјата на МотоГП? Што и да се случи, едно е сигурно. Маркез ќе има полни раце работа доколку сака да стигне до петта шампионска титула.

Тешко е да ја одредиме нашата позиција, но изгледа дека ќе биде мошне конкурентна сезона, особено во првите трки, така што се ќе биде поблиску. Но како и да е, како што видовте во предсезоната, Зарко, Дукати и особено Довициозо, дури и Петручи се многу брзи, двајцата возечи на Јамаха изгледа имаат проблеми, но знаат да изненадат. Ќе биде тешко – изјави Маркез.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ