Гасли бара одговори од ФИА по инцидентот со Строл

Пјер Гасли не е среќен што Ленс Строл избегна казна поради претекнување надвор од патеката.

Возачот на Алпин вели дека ќе бара појаснување од ФИА за границите на патеката, откако Ленс Строл не беше казнет за наводно недозволено претекнување за време на Британското ГП.

Строл помина широко во свиокот Стоу, додека силно се бореше со Гасли за 11то место и повторно се приклучи на патеката пред болидот на Алпин.

Гасли веднаш го повика својот тим на радио за да го покрене ова прашање, но стјуардите одлучија дека не треба да се преземат дополнителни дејствија, а од Строл не се побара да го врати местото.

За да биде поголема штетата, подоцнежен судир помеѓу Строл и Гасли резултираше со оштетување на задната суспензија на Французинот, поради што тој се повлече од трката.

За мене, тоа беше сосема јасно и секогаш беше во регулативите – изјави Гасли.

Не можете да ја напуштите патеката и да стекнете предност. Од се што видов, тој имаше четири тркала надвор од патеката покрај мене, а тоа е стекнување предност.

Гасли се осврна и на минатонеделното Гранд При на Австрија, каде прашањето за ограничувањата на патеката беше ставено во остар фокус бидејќи неколку возачи, вклучително и Гасли, добија временски казни по завршувањето на трката, што значи дека беа потребни неколку часа за да се потврди конечниот резултат.

Добив 15 секунди казна минатиот викенд за ограничувања на патеката. Сега губам позиција со некој што излегува од патеката и ништо не се случува – рече Гасли.

Во Формула 2 трката во Силверстон, Виктор Мартинс беше во водство и доби казна од пет секунди за токму истото, па јас сум крајно збунет со она што се случува во моментот.

Ако излезете од тркачката патека, треба да ја вратите позицијата, толку едноставно. Ако се обидете да престигнете и сте излегол од тркачката патека, само вратете ја позицијата.

Тоа е црно-бело, има граници на патеката, или сте на или надвор од патеката. Надвор од патеката стекнувате предност, тоа е казна од пет секунди или ја враќате позицијата.

Треба да биде кристално јасно. Се тркаме со 350 километри на час. Минатата недела на Австриското ГП бевме казнети за работи за кои не сме правилно предупредени.

И во оваа ситуација, штом го видов Строл како излегува од тркачката патека, мислев дека ќе ја врати позицијата. И поминав три круга зад него губејќи време, а не требаше да бидам таму.

Значи, само бараме конзистентност. Ако тоа е дозволено, добро. Но, тоа мора да биде дозволено за сите.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ