Саудиска Арабија: Победа за Перез, подиум број 100 за Алонсо

Серхио Перез стигна до својата 5та победа во Формула 1 кариерата на трката на која Фернандо Алонсо стигна до својот 100ти пласман на подиум.

Со овој триумф, Чеко се изедначи со Шарл Леклер по бројот на поени, патем стигна и до својот 28ми подиум, додека 2то место на Верстапен му го донесе 79от топ 3 пласман. Што се однесува до екипите, Ред Бул победија по 94ти пат и дојдоа на 20 триумфи зад легендарниот Вилијамс, додека стигнаа до 238 подиуми.

Во однос на гумите, Шарл Леклер и Ландо Норис тргнаа на софт за да бидат силни на почетокот, Логан Сарџент и Луис Хамилтон се решија на најтврдата компонента, а останатите 16 возачи стартуваат на медиум компонентата.

Стартниот правец од 220 метри одлично го искористи Фернандо Алонсо, го нападна и мина прволасираниот на стартот, Серхио Перез, а позиција во вториот сектор загуби и Карлос Саинз од Ленс Строл.

На крајот од првиот круг, три позиции напредна Леклер, беше 9ти, а Верстапен претекна двајца и дојде до 13то место. Почетокот на вториот круг беше моментот кога контролта на трка му даде казна од 5 секунди на Фернандо Алонсо за неправилно позиционирање на стартот.

На стартот од 4от круг, со користење на ДРС, Серхио Перез доста лесно го мина Фернандо Алонсо и си ја врати стартнта позиција.

На почетокот на 7от круг, Леклер и Ферари со ДРС го минаа Пјер Гасли од Алпин за 8мо место и потера по Луис Хамилтон. На почетокот на следниот круг, Макс Верстапен под ДРС го мина Гуанју Жу за влез во топ 10 и поени. Круг подоцна, Шарл Леклер го претекна и Луис Хамилтон позиционирајќи се на 7то место, следуваше другиот Алпин.

Во кругот број 12 се повтори дуелот од 2021 година, но овој пат Макс прелесно со ДРС го мина Луис Хамилтон, а Шарл Леклер беше на 2,5 секунди пред него. На почетокот од следниот круг, Леклер го “исчисти“ Естебан Окон и дојде на нешто повеќе од 4 секунди зад својот колега Саинз. Следниот круг и Верстапен лесно го мина французинот.

Во 14от круг Ленс Строл беше прв кој воезше по свежи гуми и стартните медиум ги промени со најтврдата компонента, а два круга подоцна медиум со хард замени и Саинз, но тие два круга повеќе возење му донесоа позиција пред Ленс.

Во 17от круг Шарл беше под напад од Макс Верстапен, но доби наредба од тимот да влезе во бокс и стартните софт гуми да ги промени со бело маркираните тврди пневматици, враќајки се на патеката зад својот колега, така што Ленс Строл загуби две позиции преку бокс.

Во 18от круг Ленс Строл доби наредба веднаш да го запре болидот на патеката, така што веднаш излезе безбедносото возило на патеката. Следуваше брканица кон боксот, Перез, Алонсо, Верстапен, Расел и Хамилтон, водечката петорка добија свежи гуми, додека тандемот на Ферари едноставно подранија и загубија време. Хамилтон зема медиум откако стартуваше на хард, а останатите четворица добија најтврда компонента.

Рестартот се случи на крајот на 20от круг од трката со повлекување на Астон Мартин кои беа на должност како безбедносно возило на трката, но промени во поредокот, барем кај водечката десеторка немаше.

По првите две кривини од 22от круг, Луис Хамилтон го нападна и го изненади Карлос Саинз и му го превзема 5то место кое шпанецот го имаше. Следниот круг Верстапен го мина Џорџ Расел и му го превзема 3то место, а успеа да се одбрани на стартниот правец и покрај тоа што Џорџ возвраќаше со ДРС.

Следниот круг, актуелниот првак го нападна и Нандо Алонсо, но шпанеот успеа да се одбрани на последната кривина, но не и на правецот кој следуваше каде го загуби своето 2ро место, така што буквално на половина од трката, Макс напредна 13 позиции и дојде до 2ро место.

Во 29от круг Александер Албон се откажа од трката откако претходно пријави дека има проблем со сопирачките од својот болид.

Во 46от круг, по повеќе од 10 кругови следење, Кевин Магнусен се својот Хаас го нападна и мина Јуки Тсунода од АлфаТаури за последната позиција која носи поени.

Последниот круг беше возбудлив поради тоа што Мерцедес се сомневаа дека ќе следува нова казна од 5 секунди за Алонсо, а Астон ја чуја таа радио порака и побараа од Нандо да се одлепи. Беше бркотница до самиот крај и Фернандо успеа да заврши на подиум со над 5 секунди предност во однос на Мерцедесот на Расел.

Најбрзиот круг буквално во последната обиколка му припадна на Макс Верстапен, а дотогаш истиот беше сопственост на Перез. Токму тој поен за најбрз круг му донесе на актуелниот првак водство во возачкиот поредок.

Нов доминантен 1-2 триумф за Ред Бул, овој пат рокада во однос на она од Бахреин, а Алонсо повторно на “своето“ 3то место. Следуваше тандемот на Мерцедес, Расел пред Хамилтон, а потоа двата болиди на Ферари, Саинз пред Леклер. На 8мо место Есебан Окон пред колегата Пјер Гасли, а последниот поен за Кевин Мангусен од Хаас.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ