Агаг: За 10 години Формула Е ќе биде “поголема“ од Ф1

Формула 1 ќе биде под притисок од електричната тркачка серија за 5 години и ќе биде надмината во популарност во следната декада, смета основачот на Формула Е, Алехандро Агаг.

Во интервју со шампионот од 2016 година, Нико Розберг, кој е акционер во Формула Е, Агаг смета дека Формула 1 е во опасност да биде заборавена.

Мислам дека за пет години тие ќе почувствуваат голем притисок. Мислам дека за 10 години ќе биде многу тешко, доколку не преминат на електричен погон, но не можат. Навистина ќе го почувствуваат тој притисок.

За 10 години електричните болиди ќе бидат еднакво брзи како и тие со внатрешно согорување. Кога ќе ги имате тие болиди кои ќе бидат еднакво брзи, која е причината да останете со застарена технологија? Мора да преминете кон нова. Мислам дека кога индустријата е електифицирана, Формула Е ќе стане главна моторспорт серија во светот – вели Агаг.

Формула Е, како и Формула 1, е водена од страна на ФИА, но има ексклузивна лиценца во траење од 25 години според која тие ќе бидат единствената електрична тркачка серија.

Рос Браун, извршниот директор на Формула 1, оваа година изјави дека не го гледа сопствениот спорт, кој ја менува формулата за агрегати од 2021 година, да остане на мотори со внатрешно согорување засекогаш. Моменталните В6 агрегати користат хибридни системи.

Агаг исто така му пренесе на Розберг дека Формула Е за малку пропаднала во својата прва сезона, со доволно капитал за само првите 3 трки.

Во еден момент должев 25 милиони долари на нашите снабдувачи и имав 100,000 долари во банка, тоа беше ситуацијата.

Бевме навистина на лимитот. Морав да платам од сопствениот џеб за авионскиот превоз на болидите за трката во Мајами – додаде Агаг.

Потоа Liberty Global and Discovery Communications, предводени од Џон Малоун, купија дел во спортот, а други следеа. Сопственик на комерцијалните права на Формула 1 е Либерти Медија. Во еден момент, Агаг понудил 696,8 милиони долари за да ја врати целосната сопственост во свои раце, но Liberty и Discovery биле против продажба.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ