МотоГП, Катар: Довициозо победник во титанска битка

Андреа Довициозо од Дукати стигна до победа во неверојатно блиска борба на титани во првата трка од МотоГП првенството за 2018 година во Катар. Само 0.027 секунди го разделија од второпласираниот Марк Маркез со Хонда.

Довициозо и Маркез предводеа група од 10 моторциклисти во поголемиот дел од трката, додека освојувачот на пол позиција, Жоан Зарко, ја задржа челната позиција во поголемиот дел од првата половина на трката со неговиот Тек 3 Јамаха.

Во 18 круг Довициозо и Маркез го изведоа своето претекнување, обајцата поминувајќи го Зарко во свиокот број 1, се оддалечија од французинот и започнаа сопствена борба за победа.

Како реприза од трките во Австрија и Јапонија минатата година, двајцата конкуренти за титула во 2017 година возеа еден до друг се до последниот круг, притоа Маркез обидувајќи се да го претекне Довициозо во последниот свиок од последниот круг.

Довициозо успеа да го возврати ударот при излезот од свиокот и ја помина финиш линијата со предност од само 0.027 секунди и стигна до својата деветта МотоГП победа.

Седум десетинки позади водечкото дуо, на последното место на подиумот, заврши Валентино Роси, кој го претекна Зарко во истиот круг како и Довициозо и Маркез, но не успеа да се доближи доволно до водечкото дуо во завршницата. Самиот Роси имаше одличен старт, а во еден период од трката беше и на втората позиција позади Зарко.

Кал Крачлоу заврши на четвртто место со ЛЦР Хонда, пред Данило Петручи со Прамак Дукати. Зарко на крајот мораше да се задоволи со осмото место, а изгуби едно место и од втората фабричка Јамаха на Маверик Виналес, како и од Дани Педроса во Хонда.

Победникот од минатата година во Катар, Виналес, на почетокот возеше на 15то место, но успеа да направи неверојатен камбек со финиш на шесто место.

Андреа Ианоне заврши на деветто место за Сузуки, додека неговиот тимски колега, Алекс Ринс падна во 12от круг додека возеше на шеста позиција. Во истиот круг, падна и Хорхе Лорензо, кој во тој момент беше на 11то место со вториот фабрички Дукати.

Џек Милер го комплетираше топ 10 на вториот Прамак Дукати, а позади него завршија Тито Рабат и дебитантот Франко Морбидели. Алваро Баутиста, Хафиз Сихарин и Карел Абрахам ја комплетираа листата на освојувачи на поени.

Бредли Смит со КТМ заврши на 18то место, а тимскиот колега Пол Еспаргаро мораше да се откаже од трката поради механички проблем, додека дуото на Априлија, Алекс Еспаргаро и Скот Рединг завршија на 19то, односно 20то место.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ