Нашиот претставник, Виктор Давидовски, повторно се враќа каде што припаѓа, во најелитното првенство на туринг автомобили на европскиот континент, ТЦР Европа, викендов на патеката Монца.
Тој и македонскиот тим на PSS Racing Team, беа спречени поради моменталната ситуација со Корона вирусот да учествуваат на првите две трки од ТЦР Европа, на трките во Франција и Белгија. Давидовски пристигна во Италија во Вторник навечер и веќе е во подготовки за двете трки викендов на Монца.
Ова е исклучително важен момент за Македонскиот моторспорт земајќи го предвид високото ниво на конкурентност во ТЦР Европа, првенство кое е составено од 20-26 елитни професионални и платени возачи од фабрички екипи и значителен чекор нагоре во професионалното тркање во однос на локалните ТЦР Европа првенства, како тие во Италија и Шпанија.
За споредба, разликата помеѓу најбрзиот круг поставен во ТЦР Италија серијата и последното најбрзо време во ТЦР Европа е повеќе од 1 секунда.
ТЦР Европа првенството е последното ниво пред напредување во глобалната светска ВТЦР (WTCR) тркачка серија.