Давидовски: Штета што нема да учествувам, но имам верба во тимот и Нестор

По подолг изминат период и одложени трки, викендов во Франција на патеката Пол Рикар ќе започне и официјално сезоната на ТЦР Европа првенството каде учествува нашиот Виктор Давидовски и македонската екипа PSS Racing.

Но поради мерките превземени од земјите членки на Европската Унија за КОВИД-19 и покрај сите напори на екипата и Давидовски, како и дипломатскиот кор, тој сепак не доби дозвола да отпатува во Франција. Во последните мигови, откако и неговиот автомобил, опрема и членови на екипата веќе беа на патеката, Давидовски и тимот на PSS Racing најдоа решение и за нив викендов ќе вози возачот од светско реноме, Нестор Џиролами.

Во блиска комуникација со Давидовски, го замоливме да ја искоментира ситуацијата, како и неговите очекувања од првата трка.

Навистина е голема штета што нема да возам, по толку обемни подготовки, не само во тимот и автомобилот, туку и на лично ниво. Изминатиов период ги поддржував и следев сите мерки воведени од релевантните институции, но во исто време го искористив да се подготвам лично најдобро што можам. Се чувствувам дека сум во најдобра физичка и ментална подготвеност за сезоната која претстои, за жал ќе мора да почекаме, но тренингот продолжува секој ден, без разлика.

За 2020 година имаме целосно нов автомобил, беспрекорно подготвен од нашиот тим и JAS Motorsport. Имавме солидни тренинг сесии во Шпанија и се беше подготвено да атакуваме кон многу поени, но и подиуми во новата сезона.

За жал, не успеавме да добиеме дозвола да отпатуваме во Франција и покрај сите наши напори и тие на дипломатската заедница.

Благодарен сум на мојот тим за нивната напорна и посветена работа во изминатиов период. Викендов Нестор ќе го превземе управувачот во мојата Хонда и верувам дека ќе има одличен приказ на Пол Рикар. Тој е мој добар пријател, возач тренер и има неверојатни постигнувања на светско ниво во повеќе класи. На првиот тренинг беше третопласиран, што е одличен знак за неговата вредност, но и за сета наша напорна работа во тимот да испорачаме толку добро подготвен автомобил.

Одвај чекам да ја претставам нашата држава на врвно ниво во најсилното европско првенство каде возат тркачки звезди од светска класа.

Трките може да ги следите во живо преку Facebook профилот на PSS Racing Team или преку YouTube каналот на ТЦР Европа серијата. Првата трка е во Сабота, 22 Август во 12:50ч; втората трка е во Недела, 23 Август, во 12:15ч.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ