МотоГП, Аргентина: Маркез доминантен пред Роси

Марк Маркез доминантно стигна до својата прва победа од 2019 година на Аргентинското Гранд При, пред Валентино Роси, со предност од скоро 10 секунди.

Моторциклистот на Хонда имаше совршен старт од пол позиција и веќе во првиот круг направи разлика од 1 секунда пред Валентино Роси, кој исто така имаше одличен старт.

Владеечкиот шампион потоа продолжи со неверојатно темпо кое ниту еден од ривалите не успеа да го следи, зголемувајќи ја предноста на 3 секунди по само 3 кругови.

По 10 од вкупно 24 кругови, Маркез веќе беше 7 секунди пред второпласираниот, а неговата предност во еден момент дури достигна и 12 секунди, пред да ја помине финиш линијата со 9.8 секунди предност за негова трета победа на патеката Термас де Рио Хондо.

Во позадина, битката за второ место во најголем дел беше помеѓу Роси и Довициозо, а моторциклистот на Јамаха успеа да се врати откако отиде прешироко во свиокот 5 од седмиот круг.

Довициозо најде начин да притисне во 13от круг, но не успеа да се оддалечи од Роси, кој го претекна својот сонародник во свиокот 7 од последниот круг за пласман на втората позиција.

Огромен дуел се одвиваше за четвртто место кое на крајот му припадна на Џек Милер, откако моторциклистот на Прамак Дукати успеа да ги претекне Алекс Ринс и вториот фабрички Дукати на Данило Петручи.

Тимскиот колега на Роси, Маверик Вињалес, имаше лош старт од втората позиција на гридот и падна до 4то место во првиот круг, а потоа и на осмата позиција во вториот круг. Шпанецот изгледаше дека ќе се пласира на седмо место, но имаше контакт со Франко Морбидели од Петронас СРТ Јамаха. Инцидентот го промовираше Такааки Накаџима на седмо место, пред Фабио Куартараро (Петронас), Алекс Еспаргаро (Априлија) и Пол Еспаргаро (КТМ).

Позади Мигел Оливеира од Тек 3 КТМ, Хорхе Лорензо успеа да се пласира само на 12то место со Репсол Хонда.

Кал Крачлоу (ЛЦР Хонда) имаше голема можност да биде дел од битката за место на подиумот, но имаше преран старт, со што заработи казна со поминување низ боксот и ја заврши трката на 13то место.

Жоан Зарко се пласираше на 15то место, втора трка по ред со вториот мотор на КТМ, додека Андреа Ианоне (Априлија) заврши на последно место од тие кој ја комплетираа трката.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ